alexandre_mk
Снимка AFP

Депешата 10SKOPJE64 од 11 февруари 2010 година (некласифицирана) ја напишал амбасадорот Рикер од скопската амбасада и во неа ги сумирал разговорите што ги имал со конгресменот Померој (Pomeroy) при неговата посета на Република Македонија под наслов:

Евро- атланските напори остануваат блокирани

Кратко резиме:

Амбасадорот Рикер на конгресменот Померој му рекол дека 1. американската долгорочна цел е Република Македонија да биде дел од ЕУ и НАТО, но интеграции се во застој поради проблемот со името; 2. Земјата има затегнати меѓуетнички односи; 3. Во земјата има проблеми со владеењето на правото, и со корупцијата; 4. Спори економски реформи.

Опсежна содржина на депешата:

Американската политика кон Македонија останува конзистентна во барањето земјата да се интегрира во ЕУ и НАТО, и да биде стабилна, мултиетничка демократија. Земјата има повремено изолирано албанско малцинство кое е 25% од населението, домашниот пазар е ограничен, па земјата може да има долгорочна стабилност и просперитет само ако влезе во НАТО и ЕУ. Програмата на УСАИД во Македонија требало да заврши во 2011, но се планира да продолжи најмалку до 2015.

Евро-атланските интеграции на земјата се запрени поради проблемот со името со Грција. Атина го блокирала заедничкото решение на НАТО во Букурешт (април 2008) да и понуди на Македонија членство во НАТО, а ја спречила и ЕУ да отвори преговори за пристапно членство во декември 2009. Проблемот со името останува и покрај американските и европските дипломатски напори на двете страни, активност на медијаторот, Метју Нимиц, и директните разговори помеѓу премиерите Папандреу и Груевски. Дополнително одмогнало што и македонската и грчката страна во проблемот со името го внеле суштински нерешливото прашање за македонскиот „идентитет“.

Македонија е со години лојален сојузник во интернационалните мировни мисии. Од 2002 година вкупно 1264 македонски трупи служеле во ИСАФ програмата во Авганистан, а 490 трупи во Ирак до крајот на 2008. Во 2010 македонскиот придонес за ИСАФ бил речиси дуплиран и според број на жители, Македонија е во првите пет од 42-те земји членки на ИСАФ. Дополнително, Македонија има мал контингент за поддршка на ЕУ мировните мисии во Босна и Херцеговина, КФОР и во мисијата на ОН во Либан.

Македонија назадува зад остатокот од поранешната Југославија во транзицијата кон пазарна економија. Земјата одржува макроекономска стабилност со ниска инфлација, но не може да привлече странски инвестиции. Делумните причини се: директното политичко влијание во судските и политички – мотивираните процеси, корупцијата, недоволната имплементација на реформите и недоволната активност на Владата дури и кога има потенцијални странски инвеститори.

Премиерот Груевски владее од 2006 и се уште има релативна популарност (делумно заради слабата и дискредитирана опозиција), но е неспособен или не сака активно да ги прифати предизвиците за интеграции. Иако Груевски ја има најголемата албанска партија ДУИ во коалициската влада, се уште се отворени прашањата за употребата на македонскиот и албанскиот јазик и недоволните средства во албанските делови од земјата. Иако поделен, албанскиот политички спектрум сака членство во НАТО (и помалку во ЕУ). Ахмети е подготвен да чека, но не засекогаш.

Депешата [10SKOPJE52] испратена од скопската амбасада, напишана од амбасадорот Рикер на 4 февруари 2010 година, класифицирана како доверлива (Confidential), е со наслов:

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за тензијата во коалицијата и за проблемот со името

Кратко резиме:

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на средбата на 19 и 20 јануари 2010 год. му кажал на амбасадорот Рикер дека нема напредок во проблемот со името и дека постои конфликт во коалицијата поради разнишаните меѓуетнички односи. Ахмети истакнал дека грубото инсистирање на Груевски околу македонскиот идентитет го повредува ДУИ и дека етничките Албанци не се задоволни од коалицијата на ДУИ со Груевски. Иако фрустриран, Ахмети немал намера да ја напушти Владата, а спомнал дека неговата прва средба со претседателот Иванов била позитивна и прагматична.

Опсежна содржина на депешата:

Амбасадорот Рикер се сретнал со претседателот на ДУИ, Али Ахмети и со неговиот заменик, Абдулагим Адеми (Abdulaqim Ademi) на 19 и 20 јануари во Тетово. Ахмети рекол дека решавањето на спорот со името е централно за етничките Албанци, а воедно посочил дека Груевски го бомбардира македонското гласачко тело со пропаганда за идентитетот, заради што според анкетите има голема поддршка. Обратно, поддршката за ДУИ на локално ниво во последните шест месеци паднала за 4 проценти (од 12 на 8), што според Ахмети е резултат на неспособноста на премиерот да го реши проблемот со името. Амбасадорот Рикер истакнал дека во интернационалната заедница расте загриженоста дека Македонија не е вистински посветена на решавање на проблемот со името, и дека и Македонија и Грција треба да преземат чекори во следните шест месеци. Ахмети се согласил дека овој период е критичен и инсистирал дека притисокот треба да се насочи кон Груевски. Сепак, Ахмети не бил подготвен да постави датум по кој ДУИ би излегла од коалицијата ако не се постигне напредок со името, сметајќи дека излегувањето од коалицијата само би и наштетило на земјата. Ахмети на Рикер му ја пренел поплаката на Груевски дека Грција инсистира идентитетот и јазикот да бидат вклучени во преговорите и дека промената на името на земјата во пасошите би повлекла промена во Уставот. Рикер изјавил дека овие претпоставки ги смета за неточни.

Ахмети смета дека политичката тактика на опозициониот водач, Црвенковски, само го попречува Груевски да го реши проблемот со името, сметајќи дека Црвенковски создал политичко сценарио за „ничија победа“ за Груевски, во кое ако Груевски не го реши проблемот со името, ја загрозува иднината на земјата; а ако го реши: тој го продава македонскиот идентитет. Ахмети го смета раздорот помеѓу СДСМ на Црвенковски и ВМРО на Груевски е поголемо одошто меѓу албанските партии. Ахмети верува дека албанските партии имаат можност да се обединат за да го решат спорот со името, тие ќе ги надминат своите моментни разлики, но дека такво обединување му се чини невозможно за СДСМ и ВМРО. Затоа, Ахмети смета дека „Владата на единство“ „Government of Unity“ не е опција за решавање на проблемот со името.

Ахмети истакнал дека најголем раздор во меѓуетничките односи во моментот претставува предлог-законот со кој македонскиот јазик станува задолжителен во основното образование во малцинските заедници. Овој закон, според него, предизвикува реакција кај Албанците бидејќи ги поттикнува албанските спомени од заедничкото југословенско минато (на пр. реториката од типот „Одете во Албанија, ако сакате да учите на албански!“). Исто така, потсетил дека со оглед на состојбата во цела Македонија, погрешна е планираната изграба на црквата на плоштадот во Скопје, заедно со црквите и џамиите низ цела Македонија, но рекол дека ако се изјасни против црквата ќе биде сметан за нетолерантен Муслиман. Отуѓеноста во коалицијата ја гледа и во однос на нерегуларностите во процесот против 12-те осудени Албанци во случајот Сопот, за кои сака да се разрешат и да не бидат замрзнат случај кој ќе се отвора секогаш кога ВМРО ќе сака да врши притисок врз ДУИ. Кажал дека ВМРО било подготвено да преговара: да го врати случајот Сопот, ако ДУИ престане да го блокира предложениот закон за образование.

Ахмети рекол дека тој и Груевски дискутирале за сите овие работи на состанокот од 20 јануари, на кој Груевски се согласил дека коалицијата не функционира најдобро. Иако се договориле Адеми и Протогер да најдат решение на заедничкиот состанок на 25 јануари, ни тие не успеале да се договорат, но се согласиле дека комуникацијата меѓу ДУИ и ВМРО треба да се подобри преку повеќе средби со внатрепартиските лидери.

Ахмети му заблагодарил на амбасадорот за помош околу решавањето на проблемите. Рикер истакнал дека проблемот со јазикот во образованието не е од централно значење за интернационалната заедница, и дека Македонија треба да покаже зрелост за рационален дијалог. Тој се согласил дека планот за градење православна црква на плоштадот не е од нужно значење и дека инсистирањето на црквата го поткопало кредибилитетот на Владата во барањето интернационална помош за развојни проекти.

Ахмети соопштил дека имал прва приватна средба, иако задоцнета, средба со претседателот Иванов на 30 декември и дека се разговарало за вклучување двајца албански членови во кабинетот на Иванов и за проблемот со името. Иванов се согласил дека името останува централен проблем.

Print Friendly, PDF & Email